Треба да се направи разлика меѓу високите исламски учења и погрешното однесување на неколку муслимани-поединци. Од друга страна, фанатизмот постои во неколку групации кај секоја вера, тероризмот исто така постана светски феномен со кој не се одликуваат следбениците на само една вера. Тогаш, зарем Исламот е таа вера која што го изнесе овој феномен  сред следбениците на сите вери

Од проф. д-р Махмуд Хамди Закзук

 

1. Во Благородниот Куран постои едно суштинско нагласено правило, посветено на правото во верата:

 “Во Верата нема насилство.” (ел Бекаре:256)

 Оттука, проблемот на верувањето или неверувањето во исламската вера се дел од прашањата кои, во суштина се поврзани со желбата и внатрешното убедување на самиот човек. Во Куран се вели:

“Кој сака нека верува, а кој сака нека не верува.” (ел Кехф:29)

 Во оваа вистина наоѓаме дека Аллах џ.ш. му даде до знаење на Посланикот (а.с.) дека негово е само известувањето за повикот -пренесувањето на пораката и дека не е под Негова надлежност да ги натера  луѓето да  го прифаќаат тоа:

“Ти ли ќе ги натераш луѓето да постанат верници?” (Јунус:99)

 “Значи ти, само советувај, затоа што ти си само опоменувач. Ти, наспроти нив не си надвладател!” (ел Гашије:21, 22)

 “Ако тие одбиваат; Ние не те испративме тебе за нивен чувар. Обврска твоја е само да известуваш.” (еш Шура:48)

 

Дали беше проширен исламот преку сабјата

Оттука се разјаснува дека Светата Книга на муслиманите, децидно ја отфрла принуденоста врз некого со цел прифаќање на исламската вера.

2. Исламот го има одредено моделот кој муслиманите се задолжуваат да го следат во нивниот повик за ислам и неговото ширење. Овој модел ја опфаќа мудроста, добриот совет и добрата полемика:

“Повикувај на патот на Твојот Господар со мудрост и добар совет и расправај со нив за тоа што е најдобро…” (ен Нахл:125)

“…и на луѓето кажувај им добри зборови.” (ел Бекаре:83)

Величествениот Куран  содржи над сто и дваесет ајети (стихови) кои го подвлекуваат суштинското правило кое треба да се следи, убедување со смиреност, учењето, целосната слобода на луѓето да се одзиват на повикот  или да се одречат. По повод ослободувањето на Мекка, Mухамед a.с. им се обратил на мекаси со зборовите:

“Одете, слободни сте”, значи, наспроти неговата непоколеблива победа, тој не ги принуди да го прифатат исламот.

3. Не се случило  муслимани да извршат притисок врз некој евреин или христијанин за да премине во ислам, следствено, Омер Ибн Хатаб-вториот калифа, на Јерусалемскиот народ му понуди безбедност за живеење, цркви, крстот, не дозволувајќи да некој од нив биде обесштетен или злоупотребен поради својата вера.  Mухамед a.с. по хиџретот (миграција) во Медина  во првиот Устав  запиша дека евреите се нација и заедно со муслиманите го сочинуваат новото општество во Медина, признавајќи им го нив правото на зачувување на својата вера.

4. Германската ориенталистка Сигрид Хунке во својата книга “Allah ist ganz anders” (Aллах е сосема поинаков), ги негира обвинувањата дека исламот се проширил со помош на мечот. Таа вели: “Арапската толеранција има важна улога во ширењењето на исламот, сосем спротивно на лажното тврдење дека тој се проширил со помош на огнот и мечот. Ова обвинение против Исламот е неправедно.” Таа истотака додава: “Следбениците на другите вери, т.е христијаните, многубожните евреи самоволно преминаа во ислам.”

Познато е дека муслиманските војски никогаш не ја напаѓале Источната Азија или Западната Африка, но таму исламот се прошири преку побожните муслимански трговци, бидејќи кај нив луѓето забележаа во пракса добро однесување, морал,добро третирање, работи кои за луѓето беа привлечни и придонесоа да тие самоволно го прифаќаат исламот.

 

Дали беа исламските ослободувања вид на колонизација?

1. Исламските ослободувања не беа колонизација. Колонизацијата, така како што ја знаеме во современото време се занимаваше со грабнување на богатството на земјата под колонизација , уништување на нејзина економија како и незаинтересираност за економски, културен и историски развој, работи кои според тоа што тврди историјата, не се среќаваат во исламските ослободувања.

Андалузија е дел од Европа, откако падна под рацете на муслиманите, се претвори во земја која процвета во сите сфери. Секој историчар може да спореди помеѓу неа и другите европски земји од тоа време, со цел да се забележи прогресот што го донесе исламот. Слично беше секаде каде што ќе стапнеа муслиманите. Останатите трагови од исламската  архитектура и цивилизација сведочат за тоа.

2. Џизје беше данок кој се даваше од жителите на земјите кои ќе потпаднеа под администрација на исламската држава, при што, исламската држава се обврзуваше за нивна заштита и безбедност. Во случај на нивно вклучување  во исламската војска, следуваше ослободување од данок.

Sir Томас Арнолд, во врска со ова, ни го покажува примерот со племето Џераџине, христијанско племе кое живееше во соседство со Антакија. Ова племе беше во мирољубие со  муслиманите и  под услов да не им се обврзува џизје, беа во договор да им се помогне, да се војува зедно со муслиманите во боиштата.

3. Џихад кон патот на Аллах, со цел материјално придобивање, е исклучен во Исламот, дури се третира како криминал. Посланикот на Аллах бил запрашан во врска со една личност што војувал за интереси од овој свет, т.е за постигнување на материјални добра, а тој одговорил:

“Нема награда за него.”

Повторувајќи го ова три пати.

4. Се отфрлаат тврдењата дека исламските проширувања биле еден вид колонизација со економски апетити, кога се има предвид тоа што направи западната современа колонизација со исламските земји, сосем различно од муслиманите во минатото. Разликата меѓу нив е неверојатно огромна. Ќе спомнеме еден од повеќето вакви примери, кој го искоренува тврдењето дека исламските проширувања биле за економски цели. Во еден договор на Халид Ибн Велид со неколку народи од градовите во близина на Ел Хијере, се бележи дека рекол: “Ако ние (муслиманите) ве штитиме од непријателите, џизјето ни припаѓа нам, но ако не ве штитиме иако со вашето богатство сме задолжени тоа да го направиме, но во неможност истото да се спроведе, ви се враќа богатството кое било земено од вас. Ако Господ ни помогне против нив  и ни подари победа, тогаш условите на договорот остануваат.”

 

Кој беше ставот на муслиманите за древните цивилизации и за опожарувањето на библиотеката на Александрија?

1. Не е точно дека муслиманите не ги почитувале древните цивилизации. Всушност, тие придобија од нив и прифатија тоа што беше позитивно од тие цивилизации. Преведоа на арапски јазик многу грчки, персиски, индиски книги, поаѓајќи од убедувањето дека човечкото наследство ги приклучува вештините, искуствата и учењата од разните нации од кои треба да се придобие. Во врска со ова се пренесува од Посланикот а.с. дека рекол :

“Мудроста е изгубено нешто за верникот, каде и да го пронајде, тој ќе биде најзаслужниот за тоа.”

Воедно и пренесувањето:

“Барај знаење, дури и да е во Кина.”

Ова значи дека знаењето треба да се бара дури и од оние што не припаѓаат на вашата вера, било тоа да е во најдалечните земји во светот. Во тоа време за арапите Кина се сметаше за една од надалечните земји во светот.

2. Муслиманскиот филозоф Ибн Рушди во врска со ставовите на исламот за древните цивилизации се изразил со зборовите: “Законодавниот обврзува истражување на претходните книги, бидејќи тежнеењето кое им е за цел е тоа за што Тој обврзува: логичко наблудување во егзистенцијата, истражување на познавањата.” Потоа додава, “Наблудуваме во тоа што го кажале и што го докажале во нивните книги. Тоа што соодвествува со вистината, ја прифаќаме од нив, се радуваме на тоа и сме им благодарни, додека тоа што не соодвествува со вистината, ја отфрлуваме и ги опоменуваме.

3. Научната и историската вистина докажува дека муслиманите не ја опожариле Библиотеката на Александрија. Ова неправедно и неаргументирано обвинение беше измислено од страна на непријателите на Исламот, кои прошириле гласини што се врежиле во умот на народот иако доказите не биле аргументирани. Ова лажно обвинение се проширило до  XIII век како резултат на агресивното однесување на крстоносците,  па дури продолжува да се повторува до ден денес, и наспроти автентичното тврдење од страна на објективните историчари кои ја негирале оваа оптужба.

Ова лажно тврдење кажуваше дека Омер Ибн Хатаб, вториот калифа, наредувал да се опожарува старата библиотека на Александрија и нему му се препишува дека рекол: Ако овие книги го содржат тоа што се содржи  во Куранот, тогаш од нив нема придобивка и немаме потреба од нив. А во случај да содржат спротивставувања со Куранот,  неопходно е да се уништуваат. Исто така е кажано дека муслиманските арапи, шест месеци ги користеле книгите како  суровини.

4. Германската ориенталистка Сигрид Хунке во својата книга “Allah ist ganz anders”, објаснува дека кога арапите влегле во Александрија во 642 година, немало библиотека, исто како што немало ниту јавни бањи. Таа беше опожарена векови уназад. Таа објаснува дека старата библиотека на школото на Кралот Птолемеут Први (Сотер) основана во 300 п.н.е беше опожарена во 47 година п.н.е кога Јулијус го имаше опколено градот. Библиотеката ја врати Клеопатра и ја снабди со книги од Бергамон.

5. III Век сведочи за почетокот на систематизираното уништување на Библиотеката во Александрија. Императорот Caracalla ја затворил Академијата, и религиозните основачи ја уништија Библиотеката за време на 282 година, сметајќи ја истата за паганска. Во 319 година Патријархот Теофилос доби одобрение од Императорот Теодосиос  да уништи се што останало од Академијата и да запали се што останало од книгите, во тоа време имаше три илјади пергаменти, со цел на тоа место да изгради црква и манастир. Уништувањето на Библиотеката се повтори  во V век, за време на нападот врз паганските научници, нивните места за молитви и библиотеките.

Од кажаното, постанува јасно до која мера се извршело намерна фалсификација  на историјата, со цел искривување на сликата за Исламот  и за муслиманите, нивно претставување како непријатели на науката и цивилизацијата. А муслиманите се апсолутно далеку од тоа.

 

Која е вистината на џихад во исламот

1. Распострането е во странските јазици дека Џихад значи Света Војна. Исламот не познава поим „Света Војна“. Тој познава легитимна и нелегитимна војна, додека џихад во повеќето случаи е погрешно толкуван. “Џихад” потекнува од зборот “Џу-хд” што значи зајакнување на крајните напори, оттука тоа се дели на два дела: Прво, џихад на нефс – обид да се заштити себеси и второ, обид за легитимна војна, праведна. Познато е дека првиот вид е именуван како Големиот Џихад, но тоа се однесува на борбата што човекот ја води против секое лошо, неговите постапки, елиминација на негативните особини, прочистување од омраза, љубомора кон другите, со што тој ќе биде заслужен да се доближи до Севишниот Аллах. Додека вториот вид на Џихад, што подразбира законита војна, се именува како Мал Џихад.

Првиот важен обид, наречен Големиот Џихад, е  обид да се елеминира секое лошо, и да се исчисти душата од завист и омраза, а со сето тоа да се постигне целта, да се заслужи да се биде под милоста на Господ. Другиот вид на Џихад е познат како Мал Џихад и значи борба за закон и борба за правото.

2. Законитата борба во Ислам, т.е џихад, е борба за одбрана, чија цел е отфрлање на нападот. Ајетите (стиховите) во Куранот во врска со ова се многу јасни. Аллах (џ.ш) им дозволи на муслиманите да ги војуваат нивните непријатели од кои се нападнати:

“Тие што се нападнати со војна, им се дозволува да се бранат, бидејќи им е сторено неправда. ” (ен Haxл:39)

“На Аллаховиот пат војувајте  против оние кои ве војуваат, но не ја преминувајте границата. Аллах не ги сака оние што ја преминуваат границата.” ел Бекаре:190)

Ова ни објаснува дека наспроти одобрението за борба во самоодбрана, Куранот опоменува за преминување на границите, бидејќи Тој не ги сака тие што претеруваат. Омразата на  Исламот кон војната и крвопролевањето претставува основен став, значи војната е исклучок, реакција против нападот:

“…кој ве напаѓа,возвратете го нападот во иста мера.” (ел Бекаре:194)

“Борбата ви се препишува за обврска, иако вие ја презирате.” (ел Бекаре:216)

Иницирањето на нападот против другите  е исламски отфрлена работа и не наоѓа поддршка во исламот.

3. И во случај кога Џихад значи залагање за одбрана, тој не се заокружува само со борбата, џихад може да е преку богатството, размислувањата, или на каков било начин, што придонесува во отсртанување на непријателството со сите нејзини облици. Значи, целта е зачувувањето на исламското општество, на верувањето кое е законско право на секоја нација, кое се утврдува и со меѓународни современи договори.

4. Ако муслиманите оценуваат дека нивните непријатели посакуваат мир, прекин на насилството, Исламот ги задолжува муслиманите да одговараат со прифаќање:

“Ако тие се наклонети кон мирот, тогаш и ти наклони се кон тоа и потпри се на Аллах “ (ел Енфал:61)

Освен ова, Исламот повикува во мирен соживот со другите, воспоставување на добри односи со нив, се додека не изјавуваат непријателство против муслиманите. Вака дознаваме дека Благородниот Куран бара од муслиманите да се однесуваат кон нив  на правна основа, доброчинитество.:

“Аллах не ви брани да правите добрина и да одржите правдина со тие што не ве  напаѓаа поради верата, ниту пак ве истераа од вашите домови. Аллах ги сака тие што почитуваат правдина.” (ел Мумтехине:8)

Ова ни дава до знаење дека целта на Исламот е ширењето на мирот и толеранцијата меѓу луѓето, меѓусебната соработка за доброто на човекот и неговата среќа.

Оттука, тоа што се пренесува од неколку меѓународни медиуми дека, Исламот е вера која проповеда агресија, екстремизам, фанатизам, војна и тероризам, се опасни клевети кои се неосновани во исламските учења. Исламот е апсолутно спротивното, таа е вера на милоста и на мирот. Во врска со оваа точка ќе продолжиме со објаснувања во поднасловите во продолжение.

 

Дали повикува Исламот во екстремизам и насилство?

1. Исламот е вера на милоста, толеранција, повикува во правдина, мир, ја брани слободата на човекот и неговото достоинство. Овие не се просто паруљи кои ги издигнува исламот, но тоа се основни начела, основи врз кои е издигнат исламот. Аллах џ.ш. го испрати Својот посланик, Мухамед а.с., како што ни кажува благородниот Куран како:

“…милост за световите.” (ел Енбија: 107)

Посланикот на Аллах ја оценува својата мисија со зборовите:

“Испратен сум да го надополнам добриот морал.”

Исламот му ја дава на човекот слободата на избор, било тоа да се однесува и за  прашањето на верувањето:

“Кој сака нека верува, а кој сака  нека не верува.” (ел Кехф:29)

Повикот за  ислам се прави  со убедување, мудрост, добар совет, полемизирање на најдобар начин а не со омраза. Исламот обврзува за правдина, доброчинителство и  забранува лоши работи, оштетувања, аморалитет… Повикува на размена на лошото со доброто. Mухамед а.с по повод ослободувањето на Мекка, и покрај сé што имаше доживеано тој и неговите пријатели од бруталноста, мачењата и убиствата на мекасите , тој им опрости и им рече:

“Одете, слободни сте.”

2. Постои потполна спогодба помеѓу Исламот и мирот. Зборот Ислам потекнува од исти корени на зборот селам-мир. Аллах џ.ш. себеси се олицетворува во Куран како Селам-мир. Поздравот на муслиманите е селам-мир, како вечно потсетување за нив, како нивна главна цел, што не смеат да го забораваат. Муслиманот, молитвите кои ги врши пет пати на ден ги завршува зо поздравот-селам. Поздрав кој го изговара во двете негови страни, на десно и на лево, со што го поздравува светот, чин кој симболизира дека муслиманите се за безбедноста на мирот во целиот свет.

3. Jасно се гледа дека Исламот со својот мирен дух, не остава простор за насилство, фанатизам, екстремизам, терор, уценувања на оние што се безбедни, или пак да се посегнува по нивните животи или имоти. Заклучно, целите на исламскиот шеријат се одбрана на основните права на човекот, особено одбрана на животот, верата, разумот, семејството и неговиот имот.  Оттука, Исламот забранува секаков вид напад на каков било облик, до толку што, нападот против една личност го споредува слично на напад врз целото човештво:

“…кој убива еден човек (бессправно), без тој да има убиено некој друг и без да има направено разурнувања на земјата,е слично како да го убил целото човештво.” (ел Маиде:32)

Секој поединец го претставува човештвото, а човештвото е тоа што Исламот се залага  да го брани. Тој се претставува во почитувањето на секој поединец кон другиот, почитувањето на неговата слобода, неговото достоинство и на општите човекови права. Во еден хадис се вели:

“На муслиманот наспроти муслиманот му се забранети: крвта, богатството и чесноста.”

Како што се вели во еден друг хадис:

“На муслиман не му се дозволува да уценува друг муслиман.”

Исламот повикува на соживот, на мир помеѓу народите и третирање на немуслиманите со правдина, како што вели Благородниот Куран:

“Аллах не ви брани да правите добри дела  и да воспоставите правдина со оние што не војуваат против вас поради верата, и кои не ве протеруваат од вашите домови . Навистина Аллах ги сака оние што се држат до правдината.” (ел Мумтехине:8)

4. Oдговорноста на зачувување на безбедноста на народот и стабилноста е взаемна одговорност меѓу сите луѓе. Оваа одговорност е насока кон стабилноста и безбедноста при соочувањето со злобата и дегенерацијата. Мухамед а.с. рекол:

“Сличо на примерот  на луѓето качени на брод каде неколку беа сместени на горниот кат а неколку на долниот. Тие што беа доле, се качуваа горе за вода. И рекоа: да отвориме една дупка за нашите потреби и да не ги вознемируваме тие што се горе. Ако би дозволиле тие од горе да се направи тоа, сите би загинеле, а кога би забраниле, сите би се спасиле.”

 

Кој е ставот на исламот кон фанатизмот и тероризмот

1. Исламот е вера која апсолутно не познава фанатизам. Неговите извори, Благородниот Куран и Сунетот на Мухамед а.с. не содржат ништо слично, т.е не повикуваат на фанатизам.

Повикот на Ислам-како што ни сигнализира Величествениот Куран, се темели врз мудроста, добриот совет и добриот дијалог, а овие методи се апсолутно далеку од секаков вид фанатизам. Оттука, бидејќи  неверниците од Мекка го негираа неговиот повик, Пророкот а.с. им рече:

“Вие ја имате својата вера, а јас ја имам мојата.” ( ел Кафирун:6)

2. Додека во врска со претходните вери, Исламот верувањето за пророците, пред Мухамед а.с го смета основен елемент во верувањето на муслиманот. Ова Благородниот Куран го кажува потполно јасно:

“Вие кажете: Ние му веруваме на Аллах, тоа што ни се прогласи нам, тоа што му се прогласи на Ибрахим, Исмаил, Исак, Јакуб и на потомците, во тоа што му се даде на Муса и Иса и тоа што им е дадено од Господа на пророците. Ние не правиме разлика помеѓу нив и само нему сме му се убедиле.” (ел Бекаре:136)

Значи, ставот на исламот наспроти сите пророци е да не се прави разлика помеѓу нив. Овој вид толеранција не може да се најде во ниту една друга вера, тогаш како може после ова да има простор за фанатизам,од каков било облик да е тоа, во учењата  на една вера од ваков вид.

3. Ислам ги повикува сите луѓе во сплотеност, да се запознаат меѓу себе, наспроти разликити помеѓу нив:

“O луѓе! Ние навистина ве створивме од едно машко и едно женско и направивме народи и племиња со цел запознавање меѓу себе.” (ел Хуџурат:13)

Слично на ова, Исламот отворено и јасно ги повикува неговите следбеници за мирен соживот со немуслиманите. Благородниот Куран вели:

“Аллах не ви брани да чините добри дела и да држите правдина со тие што не војуваат против вас поради верата, и кои не ве протеруваат ов вашите домови. Навистина Аллах ги сака оние што се држат до правдината.” (ел Мумтехине:8)

4. Исламот е вера која повикува на помирување и простување:

“..да се простува е близу до побожноста .” (ел Бекаре:237)

Повикува со добрина да се соочиме со лошото, со надеж непријателот да постане пријател.:

“Не се исти доброто и лошото. Затоа (лошото) возврати го на подобар начин, така што, тој со кого имаше непријателски однос, ќе ти постане близок пријател.” (Фуссилет:34)

5. Во еден хaдис на Мухамед а.с. се вели:

“Олеснувајте не отежнувајте, израдувајте не отеснувајте.”

Ова е повик за елеминирање на фанатизмот, бидејќи отеснувајте поаѓа од фанатизмот додека израдувањето од толеранцијата. А кога исламот го отфрла фанатизмот, оттука тој го одбива тероризмот, екстремизмот, заплашувањето на шќтие што се безбедни и убивањето на другите. Всушност, Исламот го споредува нападот врз поединецот слично на напад врз човептвото:

“…кој убива еден човек (бессправно),без да има тој убиено некој друг и без да има направено разурнувања на земјата,е слично како да го убил целото човештво. ” (ел Маиде:32)

6. Од кажаното постанува јасно дека оптужбата за фанатизам што се прави врз исламот е неоснована, нема никаква потпора во исламските учења. Но, ако меѓу муслиманите има неколку фанатици, екстремисти со кои не се одликуваат припадници на само една вера, тоа е една вистина што во современиот свет се претставува пред очите на сите, тоа  нема никаква врска со исламското учење, туку, со погрешни познавања, искривени интерпретирања на исламските учења. Значи, Исламот не пренесува нешто слично.

Треба да се направи разлика меѓу високите исламски учења и погрешното однесување на неколку муслимани-поединци. Од друга страна, фанатизмот постои во неколку групации кај секоја вера, тероризмот исто така постана светски феномен со кој не се одликуваат следбениците на само една вера. Тогаш, зарем Исламот е таа вера која што го изнесе овој феномен сред следбениците на сите вери?

 

*Фрагмент од книгата

 حقائق إسلامية في مواجهة حملات التشكيك

Преведе од арапски А.Т.

 

Advertisements