Сулејман Реџепи пред неколку години предупредуваше, а денес ги отвора вратите на вахабизмот


На почетокот на минатиот месец во хотелот „Њу Стар” во Скопје (Визбегово), имами од Саудиска Арабија ги обучуваа оџите од Македонија како треба да служат како имами. Организатор на овој семинар беше Исламската верска заедница на Македонија. Поглаварот на ИВЗ до пред неколку години постојано предупредуваше дека токму Саудиска Арабија е мецена на вахабизмот.

Учењето за исламот во Саудиска Арабија е многу поинакво од она што се учи во Македонија и регионот. Главен предавач на семинарот во „Њу стар“ бил Бандар Ал Мехјани. Неговите предавања биле многу поблиски до вахабистичкото учење, отколку она што македонските теолози од Медреса и Факултетот за исламски науки го проповедаат. „Специјалците“ од Саудиска Арабија ќе нѐ учат како да се молиме и што треба да им проповедаме на нашите верници, реагираат верниците по социјалните мрежи.

„Некои лицемери од Скопското муфтиство кои прифатиле да ги покриват трагите на Сулејман Реџепи, се ангажираа овој курс за имамите да биде само за дел од нив. Па така, биле составени списоци на имами кои можат да бидат присутни на овие предавања во „Њу стар“. На оние имами за кои се смета дека се цврсто поврзани за вредностите на Ханефиската правна школа, не им беше дозволено да учествуваат на предавањата на „специјалните оџи“ од Саудиска Арабија за да се избегнуваат можните судири на двете струи”, предупредуваат верниците по социјалните мрежи.

Поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи, по поддршката што ја даде за Кралството на Саудиска Арабија по ликвидацијата на новинарот Кашоги во Турција, сега веќе почна да носи и „саудиски експерти“ за обука на оџите во Македонија. Инаку, овие ескепрти се познати по тоа што шират вахабизам.

„Проблемот е во тоа што ИВЗ веќе нема своја автентична политика во однос на практикувањето на исламот според Ханефиската правна школа. Тренерите од Саудиска Арабија не се од таа школа. Тоа значи дека нивното учење не се совпаѓа со нашата школа. Не може нашите имами да бидат обучувани од некои имами кои проповедаат според некое друго учење. Тие тренери не ги знаат ни околностите во Македонија. Во Саудиска Арабија тие околности се сосема поинакви и таму е многу поедноставно практикувањето на исламот. Од тој аспект, ние не можеме да учиме од нив. Високи претставници на ИВЗ веќе неколку години предупредуваат дека сите проблеми им доаѓаат од имами од Саудиска Арабија. А истите тие луѓе од ИВЗ минатиот месец ги повикаа тие имами да им држат курсеви на нашите оџи. Уште пред четири години предупредував дека ИВЗ мора да се врати на својот идентитет, на своите корени“, вели Тахири.

Поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи до пред некоја година постојано предупредуваше на радикалниот ислам, на вахабистите, на тоа дека токму Саудиска Арабија го финансира тој радикален ислам. Реџепи предупредуваше дека во Исламскиот универзитет во Медина се подготвуваат војници за ширење на вехабизмот. За него причина за проблемите во ИВЗ секогаш беа имамите на Саудиска Арабија. А денеска никаков проблем не му претставува да соработува со земјата која го финансира тој ислам.

Во 2009 година Сулејман Реџепи со писмо до тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков, се жали на изведувањето на предметот по веронаука и наведе дека во неколку школи во Чаир се изведува настава од групата на вахабисти со поддршка од ДУИ и партијата Нова демократија. Тој во писмото го спомена и името на Бекир Халими. „…Не сме во можност целосно да ја постигнеме поставената цел, да извршиме целосно искоренување на ова екстремно движење како што беа спомнати примерите“. Само две години подоцна Реџепи го вработува Бекир Халими и неколку негови пријатели и никогаш повеќе немаше забелешки во врска со изведувањето на веронауката.

Сулејман Реџепи во 2014 година во изјава за Гласот на Америка, зборувајќи за радикализмот, за ИСИС, за младите кои одат во војна во Сирија, упати тешки обвинувања и на државните институции и на Младинскиот исламски форум. Неколку месеци подоцна Реџепи немаше никаков проблем да ја почне соработката со овој форум. Од декември 2017, на чело на Скопското муфтивство е Кенан Исмаили, кој беше дел од тој форум.

„Верниците се шокирани, имамите се збунети, изгубени. Затоа и се намалуваат донациите. Реџепи сега почнува да бара помош и од Кувајт. Човекот веќе нема никаков компас. Најголем непријател на Сулејман Реџепи е Сулејман Реџепи. Многу грешки се направени“, вели поранешниот генерален секретар на ИВЗ. /mkd.mk/

А.Д.

 

 

Advertisements